Народната банка ја намали основната каматна стапка за 0,25 проценти поени, односно од 2,50 на 2,25 отсто. Одлуката е доенсена вчера на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која се разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
-Врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на постоечките ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика. На седницата беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,50 отсто на 2,25 отсто. Понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 13 март e задржана на нивото од 25.000 милиони денари, наведуваат во соопштението Народната банка.
Одлуката за намалување на каматната стапка се темели на задржаниот континуитет на поволни движења на девизниот пазар, што упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, сметаат од Народната банка, тековните движења покажуваат умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци.
Дополнителен простор оценуваат за монетарно олабавување создава и последната најава на ЕЦБ за задржување на каматните стапки на тековното ниво подолго од претходно очекуваното, како и за дополнително олабавување преку други монетарни инструменти.