Во издание на ПНВ Публикации од Скопје е објавена книгата „Гравири – 40 години отпосле“, репринт издание пропратено со нови критички согледувања од Венко Андоновски и Димитар Пандев.

Книгата, покрај репринт изданието на „Гравири“ од 1979 година, збогатена е со новите текстови „Гравирање на голиот јазичен знак“ од Венко Андоновски и „Гравири – читани четири децении отпосле“ од Димитар Пандев, потоа со текстови од Милан Ѓурчинов, Димитар Пандев, Ѓорѓи Старделов, Слободан Мицковиќ и Веле Смилевски кои се појавиле во времето кога книгата беше актуелна, како и со прилози – фотодокументација од огласите во 1979 – 1980 година.

Ова издание на „Гравири“, по четири децении, според авторот претствува „проверка на свежината на тогашниот поетски полет и занес и дали тој занес уште трае“.

„Гравири“ се појави во реномираната едиција „Алфа“ во 1979 година кога авторот имаше 19 години, а во 1980 година беше наградена, со реномираната награда „Млад борец“.

Неколку песни од книгата веднаш се најдоа во антологиите на македонската поезија, а книгата, според Андоновски претставува „камен-меѓник во нашата поезија пред 1980 и по 1980 година“.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2019 17:01