Игри на среќа имало и ќе има, а овој феномен е практично невозможно да се искорени. Целосната забрана само ќе го пренесе од легална и контролирана зона, во „сивата“ зона која може само да го зголеми криминалитетот во една држава и да ја стави во трошок државата во негово сузбивање, вели во разговор за Фактор, професорот Сашо Климовски кој е единствениот што има учебник за оваа проблематика и го предава предметот на Правниот факултет. Во разговорот зборува отворено за опциите за оддалечување на објектите за игри на среќа од училиштата, за ситуацијата во Албанија, но и затоа колку девизи се одлеваат од Македонија преку он лајн игрите од странски приредувачи. Вели дека индустријата на игрите на среќа во Македонија е доста развиена.

Климовски: Покрај домашните корпорации кои приредуваат игри на среќа, имаме и странски корпорации со свои вложувања и искуство во овој бизнис на светско ниво. Благодарејќи на добрата регулација и на пазарната економија, но и на силната конкуренција меѓу приредувачите, можеме да кажеме дека понудата на игрите на среќа кај нас е на завидно ниво и не заостанува зад понудата која постои во развиените земји. Деловните активности на приредувачите на игрите на среќа се од сериозно значење за нашата економија. Примарно, земете го предвид значењето на казината кои се наоѓаат во близина на Гевгелија и колкаво е значењето за локалната економија на тој град. Факт е дека Гевгелија се вбројува меѓу општините со најниска стапка на невработеност во нашата земја, токму поради апсорпционата моќ на работна сила на овие приредувачи на игри на среќа за тој регион. Оваа гранка е значајна за вработеноста, но и за значителен придонес кон буџетот на државата. Факт што корпорациите регистрирани за приредување на игри на среќа во Македонија се рангираат помеѓу 200-те најголеми корпорации и тоа последователно во годините наназад, говори дека нивната пазарна пенетрација е значителна како во бројот на вработувања, така и во однос на финансиските резултати, а индиректно и во бруто домашниот производ. Хрватска има скоро иста регулатива како нашето законодавство, овозможувајќи добри бизнис услови на полето на игрите на среќа. Србија е исто така пример во оваа насока. Од друга страна, ја гледаме Албанија каде што заради политички опортунитет се преземаат политичко-популистички и анти-пазарни чекори.

Вие сте единствен професор кој го поручува ова и од правен аспект, не само во Македонија туку и во регионот. Каква е регулативата, кои се опасностите?

Климовски: Точно е тоа дека сме меѓу ретките правни факултети на глобално ниво каде што се изучува оваа правна област. Нашата инспирација за оваа програма дојде од два универзитети каде што има најквалитетни развиени предметни програми, и тоа Универзитетот Харвард и Универзитетот на Северна Каролина, и двата од САД. Овие програми дури не мотивираа, заедно со колегата д-р Тимчо Муцунски во 2013 да го објавиме универзитетскиот учебник „Право на игрите на среќа“. Се работи за област која има сериозно влијание врз економските текови, а е длабоко регулирана со законски и подзаконски акти. Секако, примарната цел на регулацијата на оваа област е токму заштита на потенцијалните играчи, но и обезбедување на приходи за државата преку игрите на среќа. Јасен факт е дека државата можете да се обиде да ги спречите игрите на среќа, но во таква ситуација ќе се соочите со зголемена појава на „диви“ обложувалници и автомат-клубови каде нема ниту заштита за играчите, ниту приход за државата. Оттука, регулацијата насочена рестриктивно или прохибитивно кон игрите на среќа создава простор за зголемен криминалитет како и правна непредвидливост.

Целото интервју можете да го прочитате на фактор.мк



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2019 16:04