„Тесен пат кон далечниот север” е насловот на новата поема од Ристо Лазаров што излезе од печат деновиве во издание на „Везилка 2011”.
Оваа поема, компонирана во седум пеења, го носи истиот наслов на драмата на Едвард Бонд играна во МНТ во 1972 година во режија на Владимир Милчин, како и на романот на Ричард Фланган, добитник на Букеровата награда во 2014 година.
Во обемниот поговор кон оваа поема, писателот и есеист Томислав Османли подвлекува дека „Тесен пат кон далечниот север ” е творба која тргнува и трогнува, и стежнува не поради фантасмагорискиот материјал чии слики и чувствувања јакнат во текот на стихуваната темна хроника без одредиште.
-Таа е полна со метафизички слики и богата со фигури, и од дел во дел израснува во една голема, знаменита, темна песна, густа и тешка како нашата празнина и небитница за кои со право и без заобиколување Лазаров критички пее. Подобро речено, крикнува. Тоа е огласен, крикот што во себе го чувствуваме сите, но во нас е нем, а во „Тесен пат кон далечниот север” е изнедрен во многу релевантна филозофска, метафизичка поетска творба, наведува Османли.
Импресивни се, продолжува Османли, токму метафизичките слики кои авторот ги создава во својата нова творба и кои се рамни на големите мајстори на фантасмагориската уметност, сликарска и литературна.
„Тесен пат кон далечниот север” е петта книга во годинашнава зимска едиција на „Везилка 2011”.