На македонскиот пазар од почетокот на месецов може да се купи познатото пиво од Белградската индустрија на пиво БИП (BIP), како и пијалакот „Квас“, производи што во рамки на својата трговска програма почна да ги увезува и дистрибуира винарницата ВВ „Тиквеш“.

– Ова е природен чекор што го преземавме имајќи предвид дека станува збор за наша сестринска компанија од Србија и оперира веќе две години. Преку воведување на пивото како комплементарен производ во портфолиото на „Тиквеш“ имаме намера да ги задоволиме барањата на консументите. Изградивме квалитет, знаеме што е прифатливо, а што не за потрошувачите на овие простори. Преку нашата продажна сила како и одличните релации со ХоРеКа партнерите ќе нудиме „one-stop-shop” сервис, изјави Радош Вукиќевиќ, генерален директор на Тиквеш.

Како што истакнува Вуковиќ, се реализираат стратешките планови за здружување на сродните сегменти од регионалната индустрија за пијалаци – сегментот на вино каде лидер е „Тиквеш“, сегментот на пиво со БИП и останати регионални играчи од оваа индустрија најавувани од претседателот на УО на „Тиквеш“, Светозар Јаневски.

– Со овој чекор, преку производство на врвен производ како на вино така и на пиво, „Тиквеш“ ќе ја засили својата позиција како лидер во индустријата во регионот, посочува Вукиќевиќ.

Тиквеш за почеток ќе увезува и дистрибуира пиво во лименка од 0,5 литри и пиво во стаклена амбалажа од 0,33 и 0,5 литри.

Дополнителна иновација на нашиот пазар ќе биде и т.н. Квас или Руски квас кој е исклучително популарен кај северниот сосед, во Русија и во Америка, вклопувајќи се во трендот на популарноста на пробиотските пијалаци. Консументите првпат ќе можат да пробаат квас со вкус на лимон и црна рибизла што е 100 проценти природен сок направен од житарици.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2019 17:06