По неверојатниот успех на Берлинскиот филмски фестивал и освоените две награди (престижната наградата на екуменското жири и наградата на германскиот еснаф на независни киноприкажувачи), филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска, ќе ја има македонската премиера вечерва во киното „Синеплекс“ и утре во киното „Милениум“ во Скопје, а наредните денови во редовниот кинорепертоар.

„Сестри и брат Митевски продукција“ информираат дека француската компанијата за продажба „Пирамид“, што ги откупи правата за продажба, успеа филмот да го пласира во 28 земји низ целиот свет. Прикажувањето на филмот започнува во Франција од 1 Мај, па потоа Петрунија продолжува во кино дистрибуција низ целиот свет од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, до речиси секаде во соседството во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција.

Агентот за продажба „Пирамид“ потенцира дека неверојатно добрите рекации на публиката во Берлин и добрите критики на светските критичари придонесоа за овој исклучително голем интерес од дистрибутерите, а пак голем дел од нив веќе го имаа откупено филмот и за време на самиот Берлински фестивал.

Филмот исто така е продаден и на телевизиската куќа ХБО (HBO), која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кино дистрибуција, се наведува во соопштението од „Сестри и брат Митевски продукција“.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2019 17:19