На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ денеска слета првиот авион на компанијата „Визер“ на нововоспоставената линија од Охрид до Малме, шестиот по големина град во Скандинавија. Утре на охридскиот аеродром ќе се реализира и првиот лет на „Визер“ од Милано, така што охридското крајбрежје како наша најатрактивна туристичка дестинација директно ќе биде поврзана со два нови пазари, за потенцијалните туристи од Шведска и Италија.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој беше на аеродромот да ги пречека првите 114 патници од Малме, пред медиумите истакна дека воведувањето нови авионски линии се во насока на заложбите на институциите на државата за унапредување и развивање на авиосообраќајот во земјата, зголемување на капацитетот на охридскиот аеродром и промоцијата на охридско-струшкиот регион како атрактивна туристичка дестинација

– Аеродромот во Охрид го промовираме како отворена можност за нискобуџетни авиокомпании што ќе понудат нови дестинации за граѓаните. Линијата Охрид – Малме е дел од договорот со „Визер“ потпишан во јануари оваа година. Овој месец ќе се воведат четири нови дестинации и тоа две од Охрид, за Малме и Милано, а веќе од утре се воведува линијата од Скопје до Баден-Баден, како и онаа за Бремен. „Визер“ најави воведување осум нови линии. Очекувам дека вака поставените политики ќе ги оправдааат нашите очекувања за зголемен број туристи, а воедно и нови европски дестинации за граѓаните, рече Сугарески.

Според податоците што ги изнесе, првите резултати покажуваат зголемување на бројот патници во првите два месеца од годинава на двата аеродроми за 4,2 проценти или 46 проценти за охридскиот аеродром, споредено со минатата година која беше рекордна. Министерот Сугарески очекува таквиот растечки тренд да продолжи дополнително со воведувањето на новите линии.

Како што истакна Сугарески, за периодот до 2022 година за финансиска поддршка за нови авиолинии што ќе овозможи развој на туризмот се предвидени 312 милиони денари или пет милиони евра.

– Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка од 40 илјади евра за секоја нова воспоставена авионска дестинација. За секоја нова дестинација од охридскиот аеродром предвидена е финансиска поддршка од 13 евра од патник во заминување во првата година од договорот, 12 евра втората година, 11 третата година, појасни Сугарески нагласувајќи дека концесионерот на аеродромите ТАВ и „Визер“ остануваат сериозни партнери за соработка во авиособраќајот и туризмот.

Од менаџментот на ТАВ Македонија изразија задоволство за континуираниот развој на мрежата на авиолинии на аеродромот „Св. Апостол Павле “ во Охрид.

– Оваа прилика не е само за одбележување на проширувањето на мрежата на линии од охридскиот аеродром, туку исто значи и отворање два нови дојдовни пазари, Шведска и Италија за патници и туристи кои доаѓаат во посета на прекрасниот Охрид. Истовремено двете конекции ќе бидат од корист за целата локална заедница долж Охридското Езеро и за економијата во нашата земја воопшто, изјави Неџат Курт, координатор на аеродроми во ТАВ Македонија.

Согласно со договорот, предвидено е летовите на новите две дестинации за време на летната туристичка сезона да се реализират двапати седмично и тоа до 13 септември летовите од охридскиот аеродром до Малме се во понеделник и петок, а од 18 септември во среда и недела, додека летовите за Милано до 30 март ќе бидат во вторник и сабота, а од 1 април во понеделник и петок. Во рамки на спогодбата потпишана со „Визер“ авиокомпанијата е обврзана од јули да стартува и со реализација на директни летови за Охрид од германските градови Меминген и Дортминд.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2019 13:13