Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, кој е и заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум, учествува на конференцијата „Дигитализација на општеството во Босна и Херцеговина“ што од денеска до среда се одржува во Сараево.
Азески, како што информира Стопанската комора на Македонија, ќе учествува на работната средба на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум на која ќе се дефинираат активностите во рамки на проектите што се во фаза на имплементација.
Преку Коморскиот инвестициски форум веќе се имплементираат или се планирани повеќе проекти како што се креирање на регионална инвестициска платформа, зголемување на извозните капацитети на компаниите од регионот на Западен Балкан, воведување на системот на дуално образование, поддршка во процесот на дигитална трансформација на компаниите и унапредување на регионалната економска соработка. Секоја од коморите на Западен Балкан се фокусира на одредена област при што Стопанската комора на Македонија како приориретно го работи прашањето за дуално образование, а Надворешно-трговската комора на БиХ прашањето за дигитализација.
На конференцијата во Сараево, експертите преку споделување искуства ќе придонесат кон создавање предуслови за реализација на идејата за дигитализација на општеството во целина. Конференцијата ја организира Надворешно-трговската комора на БиХ, а целта е да се воведе дигитализација како двигател на развојот на локалната економија и да се создаде подобра средина за инвестирање, особено во новите проекти за висока технологија. Конференцијата се организира во годината во која се прославува 15 години од усвојувањето на првата политика за развој на информатичкото општество во БиХ и 25 години од доаѓањето на интернетот и отворањето на доменот .ba.