Проширување на опфатот на компаниите и поедноставување на постапката за аплицирање е целта на предлог измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Оваа година предвидени се и 47 проценти повеќе средства од лани во буџетот на државата или над четири милијарди денари.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната дискусија во Владата по повод Предлог законот истакна дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите што беше донесен лани, во мај покажа одлични резултати, а основна цел беше да ги поддржи индустристријата и стопанството што бележи раст. Странските директни инвестиции лани достигнаа рекордни 624 милиони евра, а индустриското производство само во јануари во однос на истиот период минатата година бележи раст од над 12 отсто, а значителен е и уделот на индустриското производство во БДП.

-Повторно законот е фокусиран на индустријата, на производните линии, но сега се овозможува поширок опфат. Се менува и делот на аплицирање. Аплицирањето беше до 31 јули, сега го прошируваме да може да се аплицира до 30 септември за да може компаниите посоодветно да ги подготват своите апликации, а исплатата на финансиската помош за претходната година ќе биде до крајот на буџетската година, до 25 декември, рече Анѓушев.

Со измените опфатот на компаниите што може да ги користат се проширува на земјоделството и тоа на стимулирање отворање фабрики за преработка на земјоделски производи, со што се создава дополнителна додадена вредност, потоа финансирање на производство од нематеријален карактер, а тоа се компании од ИТ технологија што развиваат софтвери за продажба. Со законот се овозможуива и тие компании кои досега имале трговска дејност, а се одлучиле да прават производство да може да користат финасиска поддршка од државата.

Додаде дека се прават дополнителни олеснувања и за текстилната и кожарската иднустрија, и ако досега тие мораа да задоволат два услова – зголемување на приходите и ненамалување на бројот на вработени, сега со оглед, вели, на состојбите во економијата и недостиг на квалитетна работна сила, се доволува тие да задоволат еден од условите во рамки на пет години.

-Се надеваме дека ќе го зголемиме опфатот на успешни компании што може да имаат пристап и со тоа уште повеќе да го забрзаме темпото на раст на индустриското производство во државата, рече Анѓушев.

На дискусијата меѓу другите присуствуваа и претставници на стопанските комори во земјата кои изразија поддршка за измените, а најавија дека дополнително ќе достават нивни сугестии.

-Од искуството на нашите компании бројот на оние кои ја искористиле оваа можност е значителен. Имаме над стотина компании кои ја искористиле ваквата можност за да можат да го зголемат и бројот на вработени и да го подобрат производниот процес, да може да набават нова опрема, да ги зголемат инвестиоциските активности кои им биле зацртани за нивно подобро деловно работење со тоа што она што беа генерално забелешки, што, пред се, се однесуваа на критериумите, сега гледаме дека тие се земени во предвид. Она што е добро е што новото законско решение прво имаме проширување на опфатот на субјекти на кои се однесува. Добро е што тука не се исклучуваат компаниите од ИКТ секторот и што она што сега се ублажени критериумите за успешни компании кои на крајот од годината имаа мали отстапувања во бројот на вработени до пет проценти поради состојбата со недотиг од работници, да можат да ги користат овие поволности, рече Билјана Пеева од Стопанската комора на Македонија.

За Александар Зарков од Сојузот на стопански комори добро е што се зголемува сумата за поддршка и што се прилагодуваат одредени критериуми за искористување на целосните програми од Законот за финансиска поддршка, што било и нивна забелешка.

-Ме радува што во член 9 од законот се прифатени одредени предлози доставени од наша страна. Се надевам дека во период што претстои сите овие средства што се зголемени соодветно ќе бидат искористени од компаниите и дека ќе ги намалуваме предизвиците кои се однесуваат на аплицирањето, рече Зарков.

Лани за финансиска поддршка на инвестициите биле потрошени сите средства предвидени со буџетот од околу 35 милиони денари. Од нив помош добиле 250 компании, од кои сто домашни компании директно по Законот за финасиска поддршка на инвестициите. Потоа сите компании кои потпишале договори со нашата држава а кои продолжиле да се спроведуваат, а се потпишани и нови 19 договори со директни странски инвеститори врз база на Законот. Останатите средства се пласирани преку Фондот за инвестиции и технолошки развој и таму, каде исплатата се спроведува согласно напредокот на проектитите и ревизорски извештаи на компанијата.

Предлог законот треба да биде усвоен на Влада по што ќе биде проследен до Собранието каде се очекува да биде донесен до крајот на месецот за предложените измнеи да бидат ставени во функција на стопанството.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2019 12:56