Филмскиот фестивал Право Људски од Сараево и Филмскиот фестивал Докуфест од Призрен, во соработка со филмската и видео програма на Музејот на современата уметност – Скопје, Филмскиот центар на Црна Гора и Андерхил филм фестивалот, преку поддршката на Националниот фонд за демократија од Вашингтон (NED), објавија повик за третата регионална лабораторија на креативен документарен филм ACTive #3.

Поради големиот интерес, партнерите кои стојат позади оваа неформална образовна платформа го продолжија рокот за приојавување до 22 март, годинава.

Кумјана Новакова, кураторка на филмската и видео програма на Музејот на современата уметност – Скопје изјави дека преку разновидната и богата експериментална образовна програма, лабораторијата нуди можност за развој на креативни, теоретски и занаетчиски алатки и вештини кои приказните од сопственото опкружување ги транспонираат во уметнички дела, во креативен документарен и експериментален филм.

-Ги повикуваме сите млади креативци, уметници и режисери да се пријават и да бидат дел од процесот на учење, промислување и создавање на еден колаборативен креативен документарен или експериментален филм. Почнувајќи од фасцинацијата и инспирацијата од животот, како и идејата за неговата органска и извонредна естетика отелотворена во приказните кои тој секој ден ги создава, лабораторијата ACTive #3 цели кон творечко поврзување на младите уметници, автори и авторки од регионот, и посебно од Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија, истакнува Новакова.

После процесот на селекција, во периодот од 1-12 април, 16 млади филмски ентузијасти помеѓу 18 и 25 години, кои се во можност да комуницираат на англиски јазик, ќе имаат можност да учествуваат во интензивната и разновидна едукативна програма која ќе се одржи во Музејот на современата уметност – Скопје (Северна Македонија), руралните делови на Црна Гора, како и во Подгорица.

Образовниот процес ќе го водат меѓународно реномирани филмски автори и авторки од Франција, Шпанија, Македонија, Косово, БиХ и Црна Гора, а трошоците за учество, вклучително патување, храна и сместување, како и сите трошоци за продукција ги покриваат организаторите.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2019 15:34