Невработеноста во земјите од Западен Балкан се намалува и достигна историски најниско ниво во најголем дел од земјите. Стапките на невработеност во земјите се движат од околу 12 отсто во Србија и Албанија до 29 проценти во Косово. Македонија го зголеми бројот на работни места за 2,1 отсто, но се забележува дека неформалното вработување е зголемено.

Ова е истакнато во извештајот „Трендови на пазарот на трудот во Западен Балкан во 2019 година“ промовиран денеска од страна на Светска банка и Виенскиот институт за меѓународни економски студии (wiiw).

Оценката во извештајот е дека успешноста на пазарот на трудот во Западен Балкан и понатаму се подобрува, иако со побавно темпо од минатата година и покрај посилниот економски раст во регионот.

Според извештајот од второто тримесечје на 2017 година до второто тримесечје на 2018 година создадени се околу 68.000 нови работни места во споредба со 231.000 една година порано. За разлика од тоа, стои во извештајот, растот на БДП во регионот се зголеми од 2,5 проценти во 2017 година на 3,9 проценти во 2018 година.

Најголем раст на бројот на работни места има во Албанија и Црна Гора по 3,3 проценти, по кои следи Северна Македонија со зголемување од 2,1 проценти. Најмногу работни места се отворени во индустријата и услугите. Жените и понатаму се недоволно застапени на пазарите на трудот во Западен Балкан, но сепак повеќе од половината од зголемувањето на вработувањето им оди токму ним во прилог. Во просек, регионалните пазари на трудот забележаа зголемување на стапките на активност (зголемување за 0,5 процентни поени и достигнување до 62,8 проценти) и стапките на вработеност (зголемување за еден процентен поен и достигнување до 52,9 проценти), но и понатаму се далеку под европските стандарди. Во извештајот стои дека регионот, исто така, бележи значително намалување на долгорочната невработеност, од најмногу 1,5 милиони луѓе во 2011 на 776.0000 луѓе во второто тримесечје на 2018 година. Сепак, се наведува дека невработеноста и понатаму претставува значителен предизвик во Западен Балкан, каде нивоата се два до три пати повисоки во споредба со слични земји во ЕУ.

Во извештајот се забележува дека неформалното вработување, еден од главните предизвици на пазарите на трудот во Западен Балкан и понатаму се зголемува во Албанија и Северна Македонија, но се намалува во Србија. Забележуваат дека младите мажи, постарите жени и работниците со помало ниво на образование поверојатно е дека работеле на неформални работни места во 2018 година.

-Зголемувањето на успешноста на пазарот на трудот е охрабрувачко, но трендот на забавување предизвикува одредена загриженост, изјави Линда Ван Гелдер, директор на Светска банка за Западен Балкан и додава дека и понатаму ни треба посилен приватен сектор кој генерира соодветни работни места и јавни политики што ги подобруваат можностите за вработување на работната сила за да се одржи успешноста на пазарот на трудот во иднина.

-И покрај тешката положба на пазарот на трудот, состојбата со вработувањето на младите и понатаму се подобрува, со тоа што стапката на невработеност кај младите се намали за три процентни поени и достигна ниво од 34,6 проценти. Најголем дел беа долгорочно невработени, од 70 проценти во Босна и Херцеговина до 43 проценти во Црна Гора. Во просек, 50 проценти од младите работат врз основа на договор на одредени време, односно осум од 10 млади вработени во Косово и Црна Гора. Иако се намалува, уделот на младите (15-24 години) кои не се во работен однос, во образование односно на обука (НЕЕТ) и понатаму е висок и изнесува 22,3 проценти. Стапки под просечните се забележани во Црна Гора и Србија (околу 17 проценти) во споредба со другите земји на Западен Балкан (каде стапките се движат од 24 до 26 проценти), стои во извештајот.

Во извештајот посочуваат дека платите и трошоците на трудот се значително пониски во Западен Балкан, во споредба со ЕУ и не се забележува јасно приближување во изминатите години.

-Освен позитивниот импулс во развојот на вработувањето кој полека исчезнува, трендовите на раст на продуктивноста и платите се загрижувачки и творците на политиките треба да се справат со нив за да се подобри како приближувањето така и вработеноста, заклучува Роберт Штерер, директор за наука на Виенскиот институт за меѓународно економски студии.

Во извештајот се наведува дека оданочувањето приходите од трудот во Западен Балкан е споредливо високо за луѓе со ниски примања и вработени кои издржуваат други лица, со оглед на нискиот степен на прогресивност и не многу честото користење на одбитоците за семејство во режимите на данокот на приход. Луѓето со ниски примања се во особено неповолна положба на формалниот пазар на трудот во смисла на нивната нето плата и релативно високите трошоци за нивно вработување во споредба со луѓето со средни односно високи примања.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2019 17:36