Македонскиот претставник во ЕХФ Купот, Еурофарм Работник утре против бундеслигашот Хановер го игра последниот домашен натпревар од групната фаза на второто по квалитет ракометно натпреварување на Стариот континент.

Тренерот на битолскиот тим, Стевче Алушоски на пресот пред дуелот изјави дека Германците се фаворити, но дека шанса гледа во многуте повредени ракометари кај гостинскиот тим.

– Последниот европски наттпревар го одигравме пред три недели. Не е тајна дека Хановер е фаворит, тие играат сериозни натпревари во Бундеслигата, а ние овој период игравме лесни домашни натпревари. Хендикепирани сме со неиграњето на Стјепановиќ, а кај нив Атман се враќа во екипата и неговото враќање очекувам да биде единствена измена од првиот натпревар во февруари. Нашата шанса може да ни биде тоа што имаат доста повредени ракометари, изјави Алушоски пред дуелот.

Голманот на Еурофарм Работник, Градимир Чаневски изјави дека подготвени ќе го дочекаат дуелот со Хановер и декасо поддршка од трибините, ќе се обидат да го изненадат бундеслигашот.

– Многу работи се сменија во нашиот тим за разлика од првиот натпревар против Хановер. Имаме нов тренер, напорно работиме и верувам дека подготвени ќе го дочекаме натпреварот со Хановер. Со поддршка од трибините да се обидеме да го изненадиме бундеслигашот, смета Чаневски.

Натпреварот се игра со почеток од 20,45 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2019 12:02