Потребна е зголемена координација меѓу сите институции во државата, особено меѓу министерствата за животна средина и просторно планирање и за економија, со граѓанските организации и со меѓународните партнери бидејќи во овој момент се изработува стратегијата за енергетика и почнува стратегијата за клима.

Ова денеска го истакна заменик-минситерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на меѓународната конференција „Хидроенергетски проекти и заштита на природата – предизвици и решенија“.

Според него, потребна е база на податоци каде ќе се слеваат сите информации и сознанија за оваа област. Укажа дека со нашите соседи малку разговараме за меѓуграничните односи во однос на хидропотенцијалот.

Извршниот директор на еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ Александра Бујароска информира за нивната десетгодишна работа, за борбата за зачувување на природата и за нивната заложба за зачувување на националниот парк „Маврово“.

– Борбата за националниот парк „Маврово“ се уште не е завршена. Се уште постојат планови што предвидуваат изградба на хидроенергетски проекти и дополнително се уште се објавуваат повици што предвидуваат нови хидроенергетски проекти, рече Бујароска. Потсети на последниот повик од јануари годинава што предвудува уште една нова хидроелектрана на реката Жировница.

Бујароска посочи дека не можат да бидат присутни во сите заштитени подрачја, цело време, и во подрачјата каде реално има проблем со заштита на животната средина и затоа ја почнале петицијата за „Зелени зони за сини реки“. Петицијата предвидува назначување зони без хидроенергетски проекти.

– Сметаме дека за ова сите засегнати страни би биле заинтересирани и би било во интерес на сите затоа што од една страна, како што ние ја губиме природата, така и инвеститорите ги губат своите пари, рече Бујароска.

Организатори на конференцијата се „Фронт 21/42“, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко – свест“ и ,„EuroNatur“.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 13:25