Почнува реконструкцијата на спортската сала во Крушево. Крушевскиот градоначалник Томе Христоски денеска, во канцеларијата на Проектот за регионална и локална конкурентност во Скопје го потпиша Договорот за почетокот на работите на спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“, информираат од крушевската локална самоуправа.

Со ова, според Христоски, продолжува имплементацијата на проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“, што започна во ноември 2018 година, а Крушево ќе добие реконструирана сала оспособена со дополнителни содржини за авантуристичките туристи, за одржувањето натпревари и спортски подготовки.

– Со потпишувањето на овој договор продолжува имплементацијата на проектот за кој добивме грант од 500.000 евра и крушевчани ќе добијат реконструирана сала, оспособена за повеќе намени. Салата ќе претставува и подобра спортска инфраструктура што ќе го поттикне привлекувањето на туристи заедно со останатите активности предвидени во проектот, изјави Христоски.

Како што предвидува проектот, информираат од крушевската локална самоуправа, целосно ќе се реконструира салата, а во неа ќе бидат оспособени додатни содржини, како ѕидови за искачување, болдеринг и за спортска опрема.

Компанијата изведувач до 10 април ќе почне со реконструкција на салата, за што се предвидени 13.770.860 денари.

Реконструкцијата на спортската сала е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност на ЕУ преку ИПА 2 програмата, пот-проект „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево и почна во ноември минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 17:01