Во салата на Советот на ЛЕСС, денеска во Општина Кичево се одржа првата седница на Локалниот економско-социјален совет на Општина Кичево, во кој членуваат номинирани преставници од Општина Кичево, КСС, ССМ, БКМ и ОРМ.

На седницата беа избрани нов претседател и заменик-претседател. За претседател е избран Арбен Ристеми претставник од Општина Кичево, за негов заменик Снежана Миноска од ОРМ.

На седницата беа верифицирани и нови членови и се дискутираше за новиот проект – „Зајакнување на социјалниот дијалог“ кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот во 15 општини.

– Целта на проектот е да го подобри социјалниот дијалог како средство за создавање повеќе и подобри работни места. Проектот ќе го поддржи учеството на институциите за социјален дијалог во креирањето политики на национално и локално ниво и ќе ја поттикне практиката на редовни консултации преку националните и локалните економско-социјални совети, истакна Дејан Илиоски секретар на Локалниот економско-социјален Совет на Општина Кичево.

Арбен Ристеми, од негово лично име се заблагодари за изборот и рече дека максимално ќе се трудат да ги извршуваат своите активности, транспаретно ќе работат и ќе дадат максимален придонес за подобар економско социјален дијалог во Општина Кичево.

Советот, како што информира секретарот Дејан Илиоски, ќе има задача да ги следи состојбите, да разгледува прашања, завзема став, покренува иницијативи и препораки како и да предлага решенија, кои се однесуваат на подобрувањето на економско-социјалната положба на работниците и работодавачите во општината и да дава свои мислења и предлози за креирање на локалната економска политика.

ЛЕСС своите мислења, препораки, заклучоци и предлози треба да ги доставува до Советот на Општина Кичево и до други релеванти институции, како и до средствата за јавно информирање.

– Со започнување на работата на Советот, Општината и сите институции кои се засегнати од прашањата за одржлив економски развој, заштита и унапредување на работничките права, како и создавање подобра локална економска клима за унапредување на бизнисите, ќе имаат посветен сојузник и партнер во Локалниот економско-социјален совет, истакна претседателот Арбен Ристеми.

На седницата, покрај преставниците од потписниците на Спогодбата за основање на ЛЕСС во Општина Кичево, присуствуваа и претставници од Агенцијата за вработување од Кичево и од Регионалната Комора на Кичево.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 17:03