Претставници на локалната самоуправа, здружението ЕкоГВ и компанијата Вардар Доломит на денешната средба разговараа за надминување на состојбите со загадувањето на воздухот.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари и претставници на Здружението ЕкоГВ имаа можност одблизу да се запознаат со стандардите за заштита од загадувањето на воздухот со кои работи фабриката за огноотпорни материјали.

Од ЕкоГВ бараат да се започне со поопсежна акција и соработка на повеќе институции, бидејќи како што напоменаа ако не се преземат мерки, загадувањето драстично ќе се зголеми.

– Иако Гостивар не е индустриски град сепак има загаден воздух. Недостаток е и немањето на регистар на загадувачи со што ќе биде познато кој и со какви материи го загадува воздухот. Не сме за санкции, туку да се воспостави дијалог за надминување на состојбите. Ако така како што велат инспекциските служби дека фабриките со А лиценци не загадуваат, тогаш треба да откриеме кој тоа го прави, вели Ахмет Селмани од граѓанското здружение ЕкоГВ.

Од компанијата Вардар Доломит потврдија дека дневно трошат по еден тон мазут и дека целото производство е обезбедено со соодветни филтри и според еколошките стандарди. Како компанија се надеваат дека проблемите со емисија на штетни материи за многу ќе се намали со употребата на индустриски гас како енергенс.

Во овој правец како можно решение за намалување на загаденоста на воздухот, општинската власт планира да ја забрза гасификацијата на општината, која според најавите треба да започне за најмногу две години.

– Како локалана самоуправа сакаме да помогнеме во побрзо гасифицирање, во прво време на индустриските капацитети, училиштата и болницата кои како енергенс користат мазут. За оваа намена веќе започнавме со изработка на идејниот проект за гасификација, рече градоначалникот Таравари

Амбиенталниот воздух во Гостивар особено во зимскиот период е многу загаден со ПМ 10 честички, а граѓаните често се жалат на непријатна миризба.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 17:07