Над еден милион денари бруто приходи според поднесените годишни даночни пријави имале 24.524 лица.
Највисоки приходи пријавени во годишната даночна пријава има скопјанец во износ од 212 милиони денари што е највисок годишен бруто приход во земјава. Втор на листата со остварени 207.587.649 денари е исто така од Скопје. На листата со највисоки приходи е и граѓанин од Струга со остварени 135.137.869 денари и од Битола со остварени 92.922.049 денари.
Во 2017 година, според податоците презентирани денеска на прес-конференција, највисоката годишна бруто плата изнесува 167.687.011 денари исплатена во секторот здравство. Според висината на платата следат трговија, производство на фармацевтски производи и препарати, компјутерско програмирање, трговија на големо со производи од тутун, производствона фабрикувани метални производи, производство на печки и горилници, специјалистичка медицинска пракса спортски менаџмент и изградба на станбени и нестанбени објекти.
Највисоката остварена капитална добивка изнесува 43.973.500 денари пријавена од страна на граѓанин од Прилеп, додека по основ на дивиденди и други приходи од учество во добивката пријавил граѓанин од Скопје.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конфернција денеска информираше дека за 2017 година вкупно 455.915 лица поднеле годишна даночна пријава во која пријавиле 192.150.172.035 денари годишни бруто приходи и 11.618.491.776 денари персонален данок.