Националната установа Народен театар-Битола, Светскиот ден на театарот ќе го одбележи со изведба на претставата „Но(е)ва Македонија“, политичка сатира чиј текст и режија ги подготви Кокан Младеновиќ.

Од Битолскиот театар информираат дека пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани меѓународната порака за светскиот ден на театарот која годинава е потпишана од драмскиот автор Карлос Селдран, и македонската порака чиј автор е Југослав Петровски.

-Авторскиот проект „Но(е)ва Македонија” претставува ангажирана општествена сатира која има цел да ги истражи механизмите на политичката грандоманија, манипулација, злоупотребата на историските документи и фалсификувањето на историските факти, што се во интерес на одредена група на луѓе, која во одреден историски момент, се прогласува себеси не само за спасител, туку и за основач на целокупната нација и нејзината традиција. Безбројни се можностите на планот на комедијата кои се отвараат со ваков заплет – забавни како Аристофан и немилосрдни како Брехт. Веруваме дека „Но(е)ва Македонија” ќе успее да му наштети на едно унаказено мислење и делување, кое воопшто не е непознато на нашите простори, потсетуваат од битолскиот театар за темелите и контекстот на претставата.

Во „Но(е)ва Македонија“ настапуваат 12 актери од ансамблот на НУ Народен театар-Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2019 12:47