Дваесет и пет години работи со децата во штипските градинки. Професорот по физичко образование и воспитание Методи Петров со својата програма и вежбите ги коригира искривеноста на ‘рбетот и дебелината кај најмалите.

И покрај две и полдецениското искуство на ова поле, сè уште не е вработен на неопределено во детските градинки, па затоа и секој септември родителите и раководствата на градинките му даваат поддршка и согласност да работи со децата. Неуморен е и, како што велат воспитувачите за него, знае како да им го пренесе своето знаење на најмалите, да го слушаат и да прифатат што е најдобро за нив.

-Советот на родители ми дава огромна поддршка за да ја реализирам програмата, а исто така и институциите. Во програмата се опфатени мали, средни и големи групи, кои се усогласени според стандардите за ран детски развој, насоки од Министерството за труд и социјална политика, Бирото за образование и се темели на правилниот моторички развој на децата, вели Петров.

Според него, најважна е соработката меѓу триаголникот, односно наставник, родител, институција. Секоја година ги дополнува програмите. Тоа го прави во соработка со надлежните институции и лекарите од училишна медицина.

Сколиозата најголем проблем за децата од три до пет години

-Децата на возраст од три и пол години имаат сколиотично држење. Веќе е ниска границата за појавата на сколиозата кај децата од претшколска возраст. Во малата група на деца, кај 23 отсто од нив имаме забележано сколиотично држење, вели Петров.

Причините за неправилниот физички развој на децата ги гледа во недоволната физичка активност, модерната технологија.

-Како родители имаме време за сè, а немаме време да ги насочиме децата кон некоја спортска содржина, потоа седењето пред таблети, компјутери, паметни телефони. Значи, модерно време. Во наше време немаше таква технологија, сега и тоа влијае, но сметам дека Штип има доволно спортски клубови што можат да го коригираат сето ова. Сè се сведува на факторот родител, според мене. Имаше предлози од мои колеги од Факултетот за физичка култура за учество во разни проекти, но слухот за нивна реализација сметам дека е на нула, вели Петров.

Исто така кај децата на петгодишна возраст кои се подготвуваат за прво одделение е забележан и висок процент на енормна телесна тежина.

-Бројката е од 230 деца од големата група во градинка, кај 30 деца имаме прекумерна телесна тежина. Тоа се некаде над 10 отсто дечиња кои веќе имаат прекумерна телесна тежина. Исхраната е една од важните компоненти за правилниот развој на децата, како во згрижувачките институции така и дома, вели Петров.

Според него, децата уште од најмала возраст треба да посетуваат часови по корективна гимнастика, пливање или атлетика. Токму овие спортови ќе им дадат правилен физички развој, развиена мускултура и психички ќе бидат подготвени да тренираат и други спортови.

Петров – долгогодишен спортски работник

Покрај тоа што работи на физичкиот развој на најмалите во детската градинка „Астибо“, Петров има и богата кариера како професор, физички работник во Сојузот на училишни спортови. Егизистира и од тоа што ја има отворено школата за корективна гимнастика „Тоте џим“ во пинг-понг салата во населбата Автокоманда. Неговата школа ја посетуваат деца од Штип, но и од соседните градови, кои со помош на вежбите ги коригираат своите деформитети. Мотивација за неговата работа се секако децата.

-Член сум на работна група на Федерацијата за училиштен спорт, на формите за забавен спорт, токму сегмент за децата од нижите одделенија. Во работна група за претшколска возраст во Бирото за образование. Но, децата се тие кои ме мотивираат. Еве 25 години работам со децата и нормално морам да следам и нови трендови. По старата поговорка „човек се учи додека е жив“ ги следам тие трендови, а исто така собирам и информации од моите колеги од Сремска Митровица во Србија, посебно во делот на пливањето, потоа исто така и во делот на скијањето, вели Петров.

Тој има воспоставено соработка и со голем дел спортски клубови за кошарка, карате, тенис, бокс, борење, фудбал. Смета дека треба да има и вистинска насока од страна на професорите по физичко, кое дете е талентирано и има предиспозиции за фудбал, кошарка, ракомет или друг вид спорт. Во изминатите пет години работи и со децата со посебни потреби.

-Имаме петгодишна традиција да им помагаме на децата со посебни потреби, со цел да имаат подобра моторика. Летно време ги земаме на обука на водни спортови. Имам соработка со дневниот Центар за деца со посебни потреби и секоја година ја имаме оваа соработка, а еднаш во неделата и тие деца треба да имаат активности и да имаат квалитетна и соодветна програма за развој. Мислам дека е потребно и досега сме немале проблеми, вели Петров.

Забележува дека не му е сеедно што Штип не влезе во пилот-општините во кои наставници по физичко образование и воспитание се вклучени во помагање на одделенскиот наставник за часот по физичко. Овој пилот-проект, како што вели Петров, се реализира во пет скопски општини. Но, се надева дека конечно од новата учебна година оваа реформа во основното образование ќе се воведе за учениците од прво до петто одделение.

Петров е еден од иницијаторите за отворање пливачки клуб во Штип

Штип имал традиција во пливањето и ватерполото. Пливачкиот клуб „ 8 Ноември“ бил расадник на таленти, но пред четири децении згаснал. Пред две и пол години повторно се возобнови оваа традиција и се отвори клуб. Еден од иницијаторите за негово отворање е токму Петров. Клубот се вика „Челични“, а неговите членови освојуваат медали на сите државни, но и меѓународни натревари. Преку летните пливачки школи, во кои учествуваат над 150 деца, се откриваат и талентите. Во моментов професионално и постојано тренираат девет деца. Главен проблем е што во лето имаат услови, но во зимските месеци, поради немање затворен базен, родителите имаат и дополнителни трошоци. Тренинзите ги реализираат во затворениот базен во Куманово.

-Секоја сабота децата имаат тренинг во Куманово. Според мене, резултатите би биле поголеми ако Штип има затворен базен, а меѓу другото ќе се зголеми и бројот на членови, ќе има поголема конкуренција. Можеби сме и единствениот пливачки клуб во Европа што нема затворен базен. Во летниот период нашите деца секојдневно имаат тренинзи и вообичаено токму поради тоа имаме и големи успеси на маратоните, рече Петров. Пливачите на „Челични“ се дел од сите натпревари во земјава, ги посетуваат и меѓународните пливачки турнири во Бугарија и во Србија. -Имаме импозантна бројка од 150 медали за две и пол години, колку што постоиме, и мислам дека ниту еден клуб го нема направено овој резултат за толку кратко време, а да немаш услови за тренинг, работа, истакна Петров. Позитивна вест за пливачите од „Челични“ пристигнува од локалната власт и од Агенцијата за млади и спорт. Затворен базен треба да се гради годинава и во Штип. Неговата локација е кај Општинското основно училиште „Димитар Влахов“. Базенот ќе го користат учениците од сите штипски основни и средни училишта, а исто така и пливачкиот клуб. Викторија Димитрова-Јованова



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2019 13:02