Марко Инѓилозов и Викторија Панова од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес се победници на финалниот национален натпревар на Европскиот квиз на пари за нашава земја, кои ќе не претставуваат на европското финале во Брисел, Белгија на 7 мај. Победниците имаа најдобри резултати на националното финале, што се одржа денеска на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во конкуренција на своите врсници од целата држава.

Второто место го освои ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп, тимот 9-2 со Марија Стојаноска и Димитар Дукоски, а третопласирани се Петар Живковиќ и Марија Коруновска од ООУ „Елпида Караманди” од Битола.

Заменик министерот за образование и наука Петар Атанасов порача дека мора да им дозволат простор на основните и средните училишта што ќе биде исполнет со вакви натпревари, ваков начин на обука, каде децата ќе научат како да формираат претпријатие, да развијат идеја, да формираат компанија и како да излезат на пазарот.

– Ние што сме надлежни и одговорни за образовните институции ќе мора да се менуваме. Со години слушаме дека ние децата мораме да ги научиме во нашите образовни институции, и за медиумската писменост и за дигиталната писменост, но еве сега гледаме дека финансиска писменост можеби е основата на овој модерен свет што сакаме ние да го живееме, свет во кој сакаме многу често да патуваме, рече Атанасов.

Европскиот квиз на парите првпат се одржува во нашава земја и има за цел финансика едукација на младите од 13 до 15 години. Во националниот натпревар зедоа учество околу 3.000 ученици од основните и средни училишта.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2019 17:47