Трибина на тема „Безбедност на младите – улога безбедни училишта“ се одржа денеска во НУ Центар за култура-Крива Паланка, во организација на кривопаланечката полициската станица од општа надлежност и Секторот за внатрешни работи-Куманово, отсек превенција.

На трибината присуствуваа околу 400 ученици, наставници, како и родители на деца од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од општината, а говореа: Виолета Богдановска, одговорна на отсекот за превенција при СВР Куманово и д-р Мице Дудучки.

– Отсекот за превенција повеќе од десет години работи превентивно, преку најразлични активности на превенција кај најмладите членови на заедницата, од предучилишна возраст до средношколци, укажувајќи им за опасностите што ги демнат и како да се заштитат. Бидејќи говориме за малолетници, би го истакнала проектот „Безбедни училишта“ што е одобрен и од локалните самоуправи и функционира преку тимови за безбедност во училиштата кои контактираат со службениците. По однос на појавата на ширење страв и паника кај младите и родителите дека наводно одредени лица, непознати, демнат и грабнуваат деца, најостро демантирам дека има такво нешто, ниту е регистриран таков случај, ни во Крива Паланка, ниту во Куманово и пошироко. Бараме поголема вклученост на родителите во надзор на движењето на децата,како и поголема комуникација и разговор на децата со родителите, наставници, во откривање на проблемите за нивно решавање, а не да се игнорираат истите и да станат уште поголеми, изјави Богдановска.

Таа ги посочи и превенцијата од зависности, дрога, никотинизам, алкохол и најновите, зависности од електронските уреди, социјални мрежи и мобилни телефони.

– Зависностите влијаат на квалитетот на живот на младите, на сите луѓе. Поразителен е фактот на се почеста зависност на млади луѓе од психоактивни супстанции,и оние мали токсикомани: никотин, алкохол и зависност од технологии. Сите мобилни уреди имаат електромагнетно зрачење и недозволена е употребата на истите повеќе од еден час дневно. Потешките психотропни супстанции предизвикуваат психози, параноја, суицидност, агресија и акутно лудило. Мора навреме да се препознаат вакви лица и да се превенира кај сите млади употреба на какви било супстанции кои предизвикуваат зависност. рече докторот Дудучки.

Порача младите да се занимаваат што повеќе со спорт, со креативни активности, уметност, музика, дружење и игра, навраќајќи се на вистинските вредности на животот,за да се создадат здрави идни поколенија.

На трибината беа презентирани и два кратки филмови со едукативни пораки кои потенцираат дека родителите и семејството се појдовна алка за решавање на сите проблеми преку дијалог.

Циклусот трибини на ПС од ОН Крива Паланка и СВР Куманово продолжува, во петок 29 март, со почеток од 18 часот е закажана трибина за средношколците од градот и нивните родители и професори,а потоа ќе се реализираат трибини од „Безбедни училишта” и во самите училишта,со одделни генерации ученици.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2019 19:55