Во наредниот период, преку Програмата за прекугранична соработка во Кочани ќе се реализира реконструкцијата на Мултикултурниот центар, објект што меѓу граѓаните е познат како Старо кино. Со претстојните градежни активности ќе се обезбеди техничко решение за негова хидроизолација, ќе се постави термоизолациска фасада и ќе се изврши внатрешно уредување.

За овој проект, меѓу другото, се разговараше во локалната самоуправа на Кочани за време на денешната посета на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи. Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев оцени дека соработката со ресорното министерство е на високо ниво и во наредниот период се очекува заедничка реализација на значајни проекти.

– Во Кочани минатата година беше пуштен во употреба Инфо-центарот на Пониква, локалитет на кој Општината настојува да изгради и ски-лифт, како проект што беше истакнат на Регионалниот форум во заедницата. Комисијата при Министерството ќе ги разгледува проектите што веќе се аплицирани, а приоритет ќе имаат оние со регионален предзнак. Во фаза на евалуација е уште еден проект поднесен од Општина Кочани, за што се чека конечно одобрување. Сметаме дека со праведно и фер вложување во регионите може да се намалат разликите меѓу нив, истакна министерот Фазлиу.

Општина Кочани и годинава очекува средства за инфраструктурни проекти, за што финансиската поддршка треба да се обезбеди од програмата за прекугранична соработка со општини од Република Бугарија.

Министерот Фазлиу потенцираше дека годинава сумата за рамномерен регионален развој е зголемена за двојно, а Министерството за локална самоуправа ќе настојува и при распределбата на средствата од другите министерства да се води сметка за степенот на развиеност.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 15:53