Општинската организација на Црвениот крст Берово денеска во домот на семејството Мирчовски од село Русиново ја достави помошта која претходно ја обезбеди со помош на хуманите граѓани, кои донираа за 12-членото семејство од Русиново, кое во неделата остана без кров над глава откако куќата целосно им изгоре во пожар.

-Донацијата се состоеше од душеци, постелнини, ќебиња, хигиенски пакети, пакети со облека, прехранбени пакети, кујнска опрема, како и други производи кои се надеваме дека барем малку ќе им ја олеснат маката во овие тешки моменти за 12-членото семејство, истакнаа од Црвениот крст Берово.

Претходно волонтерите на Црвен крст кои се ученици во подрачното училиште „Никола Петров Русински’’ од село Русиново, одеа „од врата на врата“ и собраа парични средства, при што на семејството му доставија над 100 илјади денари кои и тоа како ќе им бидат потребни за изградба на куќата.

Овие акции за помош на семејството Мирчовски во целост се одвиваа со поддршка на општина Берово, чија техничка поддршка пристигна од надлежните институции, кои помогнаа да се расчистат опожарените остатоци од куќата со што семејството ќе може да ја започне изградбата на нова куќа. Претходно, група иселеници од Швајцарија, Германија и други европски земји, како и хумани граѓани и фирми од Берово во заеднички и поединечни акции собраа парична помош во вредност од над 10 илјади евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 17:42