Светиниколските пожарникари денеска добија седум рачни мевови за вода, со што полесно ќе можат да ги гаснат шумските пожари и на оние непристапни локации, каде што противпожарните возила не можат да пристигнат.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека дополнително ќе се набават уште 10 вакви рачни мевови за вода за гаснење пожар. Поради дотраената опрема во наредниот период за пожарникарите ќе се набават и шлемови, пе-пе апарти и метли за гасење пожар.

- Набавена е нова противпожарна опрема на Територијално противпожарната единица (ТППЕ) Свети Николе со цел подобро и поефикасно совладување на огнените стихии, што го зафаќаат нашето подрачје во последниот период, како резултат на палење на стрништа од страна на несовесни граѓани. Досега се опожарени 400 хектари површини на територијата на општина Свети Николе и Лозово, а за кои е надлежна ТППЕ Свети Николе, вели Велковски.

Тој истакна дека санирани се сите дефекти на старите возила и се ставени во функција, а најави дека веднаш по завршувањето на изборите од буџетот на општината ќе се набави и нова заштитна облека за пожарникарите, кои што од минатиот месец се постојано на терен во Овчеполието, поради намерното палење на стрништата.

Во наредниот период се очекува комплетно опремување на припадниците на ТППЕ со нова опрема.Очекуваат помош и од централната власт при набавка на скапа опрема за сообраќајни несреќи, како што се ножици за сечење на возила.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 19:03