Комуналните служби од Општина Крива Паланка, во соработка со вработените од јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка спроведоа акција за расчистување на повеќе локации во реонот на селото Мождивњак, при што се собрани 50 метри кубни отпад.

– Како дел од еколошката акција „Општина без смет за поубав свет“ отпочнати се активности за отстранување на отпадот во село Мождивњак. Во изминатите неколку дена од страна на вработените во ЈП „Комуналец“, ангажираните работници од страна на локалната самоуправа и бројни жители на населбата, собрани се и однесени во комуналната депонија околу 50 метри кубни отпад. Расчистени се повеќегодишните депонии кај местото Чешмиче, кај мостот од патот за Дубје, околината на двата моста на Крива Река, депонијата пред подрачното училиште на ООУ„Илинден“, како и покрај патот за село Борово, информираат од Општината.

Покрај акцијата за чистење, на неколку локации се поставени контејнери. Акцијата ќе продолжи и во текот на наредната недела.

Од локалната самоуправа ги известуваат жителите на село Мождивњак дека е забрането понатамошно фрлање отпад на исчистените локации и оти несовесните граѓани кои ќе фрлат отпад на несоодветни места ќе бидат санкционирани согласно Законот за јавна чистота и за отпад.

Во Крива Паланка продолжува еколошката акција „Општина без смет за поубав свет“. В недела, 31 март, акцијата ќе се спроведе во населбите Бегови Бавчи и Лозаново.

Од Општината ги повикаа граѓаните и здруженијата активно да се вклучат во акцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2019 18:01