Со половина од потребниот кадар, во руинирана зграда и без соодветна опрема, гостиварските пожарникари не можат квалитетно и во целост да одговорат на потребите. Локалната власт оценува дека противпожарната единица во Општина Гостивар е доведена во катастрофална состојба. Моментно има 28 вработени, а според стандардите, за општина како гостиварската бројот на професионални пожарникари треба да биде над шеесет.

Градоначалникот Арбен Таравари во разговорот за МИА дава појасна слика за состојбата во Терторијалната противпожарна единца.

– Моментно општината со договор на дело има вработено 12 пожарникари, што ни одблизу не ги исполнуваат потребите на оваа служба. На ова ќе додадам дека располагаат со четири возила, што се доста амортизирани и без адекватна опрема што е потребна за една општина како Гостивар, вели Таравари.

Како голем проблем ги наведува и седиштето на противпожарната единица и просторот во кој престојуваат пожарникарите. Според него, зградата се наоѓа во очајна состојба.

– Иако минатата година локалната самоуправа направи мали инвестиции, и оваа година планираме уште неколку помали. Планирано е да стават нови прозорци, изолација на објектот и да се воведе функционално централно греење.

Гостиварската противпожарна единица покрива голем реон и годишно има над илјада интервенции. Освен градот и околните села, при пожари дејствува на териториите на соседните општини Маврово-Ростуше и Врапчиште, каде што нема пожарникарска служба. Седумте возила што ги користат гостиварските пожарникари се со просечна старост од над 15 години. Според податоците на Опен дата.мк, сите возила се добиени како донација или наследени од МВР со процесот на децентрализација.

За да се одговори на потребите и времето во кое дејствуваат пожарникарите, неопходни се и обуки. Таквата можност ја искористиле петмина кои лани извесен период поминаа во Турција со тамошните колеги. Униформите пред извесно време беа заменети со соодветни, благодарение на донацијата на бизнисмен од Швајцарија.

Таравари смета дека Општина Гостивар, заради тоа што ја раководи кадар на опозицијата, трпи притисоци од централно ниво. Но, тој е оптимист и најавува подобрување на состојбите во наредниот период.

– Кога би немале опструкции и кога централната власт би ни помогнала со блок дотации, значајно би успеале да ја подобриме состојбата во оваа единица.

Тука мислам на надминување на пречките за привремени вработувања и планот за вработување и систематизацијата. Се надевам дека ќе вработиме одреден број пожарникари и повторно една група да замине на едукација во Словенија и Турција. Исто така, очекуваме две противпожарни возила како донација од Република Словенија, подвлекува Таравари.

Зоран Маџоски



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2019 11:17