Општина Кичево објави повик за прибирање на барања за користење средства од буџетот на општината за 2019 година, наменети за поддршка на културните здруженија.

Средствата ќе се користат за финансирање на програмски културни активности, за поддршка на проекти и активности за организирање на фестивали, одбележување јубилејни настани и значајни датуми, финансирање на културни манифестации, поттикнување на современото творештво и промоција на културното наследство.

Согласно повикот ќе се користат средства од буџетот на Општина Кичево за 2019 година за финансирањето на локалниот интерес во културата на општината, како и реализацијата на програмата. За организирање на фестивали се предвидени 600.000 денари , за одбележување јубилејни настани и значајни датуми 600.000 денари, за финансирање на културни манифестации 650.000 денари, за поттикнување на современото творештво 250.000 денари, за промоција на културното наследства 300.000 денари, и за помагање на манифестациите на младите со културно уметнички и забавно едукативни содржини 300.000 денари.

На културните здруженија ќе им бидат доделени средства согласно програмата за финансирање на активностите од областа на културата од интерес на Општина Кичево, и поддршка на здруженија на граѓаните за 2019 година. По завршувањето на своите програмски активности тие ќе треба да достават извештај за користење на средствата до секторот за финансии на Општина Кичево.

Здруженијата на граѓани можат да поднесат само една пријава за финансиска поддршка за проект или манифестација, се вели во повикот на општина Кичево. рз/вј/



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2019 11:19