Нацрт-стратегијата за развој 2019-2030 „Паметен град“ во вторник ќе оди на јавна расправа откако овој четврток на 31 седница ја усвои Советот на Општина Велес. По јавната расправа, стратегијата во конечна верзија ќе биде предложена на усвојување до Советот на Општина Велес, што ќе значи и нејзина имплементација.

Стратегијата опфаќа повеќе подрачја: Паметно управување со енергијата, ресурсите и заштитата на животната средина, одржлива урбана мобилност, Развој на дигиталната инфраструктура, Ефикасно и транспарентно управување со градот, Паметни услуги и Паметно живеење и социјални услуги, и во секое подрачје се предвидени мерки.

Како што информираат од Општина Велес, постапката за спроведување на стратегијата во надлежност на општината ќе биде сектор за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, евроинтеграции и локален економски развој во соработка со други институции.

Појаснуваат дека можни извори на финансирање за реализација на Стратегијата се буџетот на Општина Велес, буџет на државата, домашни фондови, јавно приватно партнерство, приватни фирми и инвеститори, фондови на ЕУ и други меѓународни фондови и кредитирање.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2019 12:51