Учениците од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка синоќа имаа можност да слушнат кои се можните ризици за нивната безбедност и кои се превентивните мерки за заштита на трибина во рамки на проектот „Безбедни училишта“.

Трибината се одржа во Националната установа Центар за култура, а ја организира Полициската станица од општа надлежност Крива Паланка со Секторот за внатрешни работи Куманово,Отсек превенција. На трибината присуствуваа ученици, професори и родители.

Виолета Богдановска, одговорна на отсекот за превенција при СВР Куманово рече дека превенцијата кај младите членови на заедницата соочени со бројни опасности кои ги демнат е приоритет на службата, со акцент на сите можни начини како да се превенира тоа и како заштитат од истите.

Повеќегодишниот проект „Безбедни училишта“, рече, е една од посилните алки со која се работи на едукација на младите, на малолетниците, но и се воспоставува и соработката со надлежните полициски службеници, служби и институции кои работат на безбедност на младите.

Пред учениците беа презентирани краткометражни едукативни филмови со пораки за предупредување од сите ризици по безбедноста на младите, а предавање на тема заштита од злоупотреба на зависности одржа и Дарко Пешовски, секретар на општинската организација на Црвен крст Крива Паланка.

-Укажуваме на сите зависности: дрога, никотинизам, алкохол, кои ги демнат младите од оваа возрасна популација, средношколци, тинејџери, но и на најновите, зависности од електронските уреди, социјални мрежи и мобилни телефони кои го нарушуваат квалитетот на живот на младите,со голем ризик по нивното здравје, рече Пешовски.

Пораката од командирот на ПС од општа надлежност Крива Паланка, Дејан Маринковски и од говорниците на трибината е младите да се охрабрат да преземат одговорност за своите постапки, избирајќи спорт, креативни активности, уметност, музика, дружење и игра.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2019 12:55