Надлежните од кумановското јавно претпријатие „Водовод“, денеска информираа дека вечерва дел од корисниците од високата зона од градот ќе немаат вода поради реализација на проектот „За употреба и одржување на дел од водоснабдителниот систем на град Куманово“.

Во соопштението на „Водовод“ се наведува дека ноќва, во периодот од 23:00 до 4:00 часот, без вода ќе бидат жителите на населбите „Железничка Станица“, „Черкезе“, од реонот на Пчињски пат, улиците „Косовски бригади“, „Бајрам Шабани“ и улиците во тој дел од Куманово.

Во рамки на проектот „За употреба и одржување на дел од водоснабдителниот систем на град Куманово“ во Филтер станицата, ќе бидат заменети старите со нови мерачи на секој доводен и одводен вод, на 16 локации ќе бидат поставени нови електронски мерачи на притисок и протокомери, со што „Водовод“ ќе има увид во потрошената и фактурираната вода.

Проектот се спроведува преку Министерството за транспорт и врски, а изведувач е фирмата „ЦМЦ“ од Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2019 13:00