Повратникот во редовите на Вардар, Сергеј Горбок по вечерашниот триумф над Загреб во Лигата на шампионите, рече дека со нетрпение го чекал мечот по долгото отсуство поради повреда.

– Бевме подготвени за овој натпревар и во првото полувреме покажавме добра игра. Влеговме добро во натпреварот, но во вториот дел не одеше најдобро. Со нетрпение го чекаме новиот натпревар исто како и нашите навивачи. Јас сум презадоволен од тоа што се вратив на теренот. Деновиве разговаравме со Парондо и тој ми рече дека ќе ми даде шанса да играм.

Тренерот Роберто Парондо е задоволен од враќањето на двајцата леви бека Горбок и Борозан.

– Среќен сум што успеавме да се пласираме во четврт-финалето од Лигата на шампионите и задоволен сум што во тимот се вратија Вуко Борозан и Сергеј Горбок. На тој начин екипата е комплетирана за следните натпревари и можам да сметам на сите играчи, истакна шпанскиот стручњак.

Вардар во реваншот од осминафиналето на ракометната Лига на шампионите вечерва во Скопје го победи ППД Загреб со 32:30 и со вкупни со вкупни 59:48 оди во четвртфиналето.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2019 11:10