Винарската визба „Тиквеш“ почнува со реализација на нова инвестициска програма во сегментот на примарното производство. Се садат висококвалитетни сорти на нови 50 хектари. Со програмата која веќе стартуваше, до крајот на годинава се предвидени над милион евра инвестиции во нови, но и во обновување лозови насади на површина од 100 хектари.

Во наредните три години, пак, како што соопшти компанијата, постепено ќе бидат обновени и над 50 отсто од постојните 1.000 хектари сопствени лозови насади на „Тиквеш“, со што помалку функционалните сорти ќе бидат заменети со перспективни, за производство на вина од премиум сегментот, за кои има се поголема побарувачка на пазарот.

-Планираните вложувања ќе ни овозможат до 2022 година да имаме околу 650 хектари нови сопствени висококвалитетни лозови насади кои ќе ни овозможат натамошно унапредување и збогатување на портфолиото на вина од премиум сегментот со кои ќе се зацврстат и подобрат нашите пазарни позиции особено на странските пазари. Паралелно со вложувањата во сопствените насади, ќе продолжиме и со поддршката и негувањето на партнерските односи и соработката со кооперантите кои ни обезбедуваат пристап до дополнителни 5.500 хектари лозје, вели генералниот директор на „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.

Во процесот на обнова и проширување на сопствените лозови насади на „Тиквеш“ се користат сертифицирани садници од најреномирани светски производители кои најмногу одговараат на нашето поднебје и состав на почвата. При садењето особено се внимава на растојанието меѓу редовите заради подобар пристап при машинската обработка и берење на грозјетo.

Според „Тиквеш“, вложувањата во подигнувањето нови лозови насади се продолжение на интензивниот инвестициски циклус што измините 15-тина години надмина 40 милиони евра. Најголемиот дел од овие средства беа вложени во најсовремена опрема и технологија за примарна преработка на грозје, микровинификација и одлежување на виното.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2019 13:16