Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде демонстрира почит и претпазливост спрема Манчестер Јунајтед пред судирот меѓу нив на „Олд Трафорд“ од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

– Влогот е голем и сакаме да се претставиме добро и во двата натпревари. Јунајтед се инспирирани од минатиот круг и нивната добра серија. Во моментов расположението им е до облаците и треба да внимаваме. Не сме си поставувале конкретна цел, но ја знаеме вредноста на гол на гостински терен. Не го постигнавме во Лион и на реваншот требаше да внимаваме да не отпаднеме, изјави Валверде на денешниот прес.

Во однос на тоа дали Усман Дембеле ќе биде подготвен за натпреварот, тренерот на Каталонците вели дека ќе почека до утрешниот тренинг и дури тогаш ќе одлучи за него.

– Ова е прв натпревар, а не реванш. Затоа нема да преземам непотребен ризик со Дембеле, за да не се повтори она што се случи на дуелот со Лион, вели стратегот на шпанскиот шампион.

Тој додаде и дека повредените играчи во таборот на Јунајтед нема да играат голема улога, бидејќи пред нивниот дуел во Париз тие имаа многу повеќе повредени фудбалери, но на крајот победија со 3:1.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 09:25