Граѓани, претставници на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор, денеска учествуваа на интернационалниот форум за социјално претпримеништво што се одржа во Куманово.
Организациите од Македонија и соседните држави разменија искуство за социјалното претпримеништво на форумот што се одржа во рамките на проектот финансисран од ЕУ, преку секторот за централно финансирање и склучување договори, Министерство за финансии во рамки на грантовата шема за имплементирање проекти, а го спроведуваат Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија и меѓуетничката организација на жени „Линда“ од Куманово.
Во рамките на проектот воспоставена е и е платформа, која има за цел да ги вклучи граѓанските организации и јавните институции во областа на социјалната инклузија.
Оливера Трајковска, проект менаџер на проектот „Социјална инклузија преку социјални мрежи меѓу граѓански организации и социјално претпримеништво појаснува дека во проектот се вклучени и лица од социјален ризик, лица со попреченост, самохрани родители, корисници на психотропни супстанции кои се на маргините на општество и кои не можат лесно да се вклопат на пазарот на трудот.
-За нив постојат одредени стереотипи, ретко можат да се вработат, не се оспособени со вештини, работодавците немаат потреба да ангажираат лица од овие категории. Како проектен тим, реализиравме повеќе активности со кои се оспособуваат овие лица полесно да се снајдат на пазарот на трудот, мотивациони обуки, воведување на нови ИТ технологии, како да направат онлајн апликација, онлајн претпријатите, рече Трајковска.
Социјалното претпримеништво допрва ќе се развива во државата, сметаат учесниците на форумот, бидејќи има благородна мисија и ги вклучува маргинализираните групи граѓани, кои со поддршка на претпримништвото, преку институциите ќе можат да добијат поддршка да се вработат и да станат активни чинители во локалната заедница. Целта е да се отворат повеќе социјални претпријатија, кои имаат социјална димензија, да креираат бизнис планови што би добиле поддршка и од компаниите и од институциите.
-Во Куманово веќе има интерес кај лицата со попреченост. Конкретно девојка со пречки во развојот има амбиции да стане декоратор на забави и уште други примери кои ќе треба како идеја да заживеат-додава Трајковска.
Проектот ќе трае осумнаесет месеци.