Продолжуваат инфо сесиите со пензионерите од Општина Карпош, во врска со проектот „Мој Карпош – Моја Картичка“. Денеска, градоначалникот Стефан Богоев се сретна со пензионерите од Козле, пред кои говореше за поволностите кои ги нуди картичката, со која се овозможуваат голем број на попусти и бенефиции низ локалите во Карпош.

Имаме уникатен проект со кој воспоставивме соработка меѓу повеќе страни: локалната самоуправа, граѓаните и бизнис секторот. Со оваа картичка ќе се зголеми потрошувачката во локалите, во периодите од денот кога можеби имале помал промет, а во меѓувреме граѓаните ќе купуваат по пониски цени, рече Богоев.

На средбата се разговараше и за други актуелни прашања и проекти. Богоев ги информираше присутните за новите садници кои се засадуваат низ Општината, како и за утрешната еко – акција за чистење на Карпош, во која ќе учествува општинската администрација, фирмите, граѓанските организации и сите заинтересирани карпошани.

Пензионерите прашуваа и за проектот за „хумани патроли“, со кој локалната самоуправа ќе овозможи нега и здравствена заштита за изнемоштените лица. Тие ја поздравија иницијативата која пред некој ден ја спроведоа Општина Карпош и Лајонс клубот Карпош, за бесплатна крвна анализа (крвна слика) за најранливите категории на граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 15:15