Со полагање цвеќе пред споменикот на Јуриј Гагарин од страна на рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин и делегација на Општина Струмица, предводена од градоначалникот Коста Јаневски, денеска во Струмица беа одележани Денот на космонаутиката-12 Април и 58 години од првиот лет на вселенскиот брод „Восток-1“ околу орбитата на Земјата.

-Подвигот на Јуриј Гагарин не беше само моќен продор во истражувањето на вселената, туку и олицетворение на херојството и самопрегорот на рускиот народ. Летот на „Восток“ означи нова ера во историјата на цивилизацијата, го потврди извонредниот придонес на нашата земја кон светскиот напредок, истакна амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин.

Градоначалникот Јаневски во своето обраќање рече дека 108-минутниот лет на Гагарин околу земјината орбита и до денес претставува еден од најголемите историски настани во светот.

-Споменот за големиот космонаут го чува и Струмица преку оваа биста на Јуриј Гагарин, дело на познатиот руски скулптор, академикот Григориј Потоцки, кој е автор и на споменикот посветен на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, како и на спомен обележјето на жртвите во пожарот на струмичкиот рид, додаде Јаневски.

Одбележувањето на денот на космонаутиката и 58 години од првиот лет на чевекот во вселената заврши со симболично пуштање на 58 балони во боите на руското знаме.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 17:34