До 15 мај се очекува да биде готова целосната документација за изградба на брана на реката Отиња. Општина Штип со средства од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи на документацијата, по што Штип ќе поднесе и барање за градежна дозвола на овој капитален проект, најавија на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
-По добивањето на одобрението за градење ќе аплицираме до Владата за одобрување средства за изградба на децениската желба на штипјани, а тоа е браната на река Отиња, вели Бочварски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски истакна дека како Министерство преку Управата за водостопанство од буџетот за 2018 година дадоа финансиска поддршка за изработка на Студијата за животна средина.
-Ова е доказ дека општината и Владата работат на заокружување на постапката за проектната документација, што е застарена повеќе од 10 години. Направивме ревизија, се прави оваа Студија за заштита на животната средина, вели Николовски.
Тој истакна дека преку Платежната агенција веќе се одобрени и средства за изградба на улици во штипската населба Стар Карорман во износ од 4.600.000 денари.
-Во финална обработка е барањето за изградба на пат до село Почивало, каде во мерката за патишта до пет километри е пред одобрување овој проект. Износот на поддршка од програмата за рурален развој ќе биде 20 милиони денари, а вклупната реализација на Општината заедно со Министерството ќе биде 33 милиони денари, вели Николовски.