Загрижени граѓани од помладата популација денеска пријавија нов случај на вандалство овојпат извршен на двојниот тениски терен во Делчево. Искинати мрежи, оштетена ограда, фрлени камења се само дел од што е забележано од страна на младите спортисти кои случајот го пријавиле до надлежните.

-Како љубители на тенисот сме револтирани затоа што овие терени се направени за спортување, а не за искажување на својот бес или фрустрација. Ако некој не спортува не значи дека треба да го растура и она што е направено и наменето за оние кои слободното време го минуваат играјки тенис. Вандалскиот чин го пријавивме во полиција од каде најавија истрага за пронаоѓање на сторителите, вели делчевецот Горан Антов.

Младите спортисти апелираат до несовесните да го преиспитаат своето однесување со што вишокот енергија ќе го пренасочат во спортување, а не во уништување на и она малку што е направено за рекреација и спортување.

Двојниот тениски терен во Делчево е инвестиција на Агенцијата за млади и спорт и е дел од поширокиот владин проект за изградба на 120 тениски терени ширум земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 18:29