Градоначалниците на Тетово, Тирана, Приштина,Туз, Чаир и Гостивар, како припадници на Унијата на албански општини, потпишаа Меморандум за соработка во рамки на иницијативата „Зелени градови“, со цел подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух и јавната чистота.
– Идејата која ние тројца ја започнавме е со концепт и логика на европските интеграции и во насока на развој на нашите градови. Средбите имаат ист дух-надминување на проблемите на граѓаните и заложби за подобро одржување и урбанизирање со цел да бидат подостоинствени градови, рече градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај истакна дека Унијата ќе формира заедничко тело.
– Во Тирана ќе биде седиштето на Секретаријатот и ќе биде основа за регионални проекти. Ние ќе ги обединиме силите и преку размена на искуства ќе направиме многу корисни работи за да бидат нашите градови подобри, рече Велиај.
Потписниците на Меморандумот истакнаа дека еднаш годишно ќе имаат средби на градоначалниците, а директорите на градските служби ќе се среќаваат почесто заради размена на искуствата.
– Освен што го зборуваме истиот јазик имаме и ист менталитет. Албанците насекаде повеќе трошат на механизација и коли отколку на едукација на децата. Сепак ѓубре е ѓубре, зеленило е зеленило. Размената на искуства ќе биде најголема придобивка.Пример ако ние трошиме пари за одреден софтвер, другите нема да мораат, рече Шпенд Амети, градоначалник на Приштина.
На новинарските прашања зошто се создава само заедница на Албанците, неколкумина градоначалници повторно истакнаа дека насоката е размена на идеи и решенија за управување со градовите.
– Не можеме да го игнорираме фактот дека зборуваме ист јазик, но сепак идејата е да се најдат урбани решенија, рече градоначалникот на Тирана.
Приштинскиот градоначалник Шпенд Амети кој започна да зборува на македонски јазик, рече дека сам го научил и дека неговата сопруга е од Чаир како и дека е често во Тетово и Скопје. Побара разбирање и трпение за работата на Унијата.
– Со градоначалникот на Скопјем Петре Шилегов си зборуваме на македонски, се знаеме од форумите на главните градови, градиме мостови и зборуваме за решенија за нашите градови. Не треба да се разбере како политичка провокација во Скопје или Белград. Со конкретни резултати ќе покажеме зошто е формирана оваа Унија, рече Амети на македонски јазик.
Два дена ќе трае третата по ред средба на градоначалниците на Унијата на албански општини. Во сабота делегациите на општините ќе ја посетат новата филтер станицата на тетовскиот водовод, а сите општини ќе се претстават преку панел презентација.