Група од дваесет и шест ученици од основното училиште „Христијан Карпош“ внимателно ја слушаа учителката Елвира Скендеровска, која во еден ден од неделата предава Јазик и култура на Ромите. Тој ден најмладите кои го следат овој предмет учеа за минато време.
Сите во глас и еден по еден излегува на таблата и повторуваа глаголи, пишувам, спијам, учам, на својот мајчин јазик.
-Добри ученици се овие деца, се трудат, го сакаат предметот. Мора да потенцирам дека ова им е прва учебна година каде што почнуваат со овој изборен предмет. Редовни се, трудољубиви, сакаат да го научат мајчиниот јазик – вели учителката Скендеровска.
Таа, освен на овие ученици, предава Јазик и култура на Ромите уште во три основни училишта во Куманово. Во градот овој предмет се изучува во трето, четврто и петто одделение во четири училишта – „Христијан Карпош“, „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“. Овие училишта се избрани, бидејќи има поголем процент ученици од ромска етничка заедница.
-Предавам јазик и култура од учебната 2018/2019 година. Можам да кажам дека учениците, генерално, покажуваат интерес за изучување на ромскиот јазик. Ја прифаќаат програмата, која соодветствува на нивната возраст, појаснува Скендеровска.
Предметот Јазик и култура на Ромите ги опфаќа подрачјата слушање, говорење, читање и пишување, јазик и изразување, творење и култура на Ромите.
-Овие подрачја даваат таква можност според структурата на целите и содржините, во таа смисла, да не може да се разработуваат содржините како што се песни, раскази, народни приказни, басни, а притоа да не се користат форми на изразување и творење како што е прераскажување или пишување или да не се внимава на знаење на јазикот и творењето – додава Скеднеровска.
Оваа поврзаност меѓу наставните подрачја по предметот Јазик и култура на Ромите е битна карактеристика, која се надградува и со поврзување на содржините од овој предмет со другите предмети, што преставува важен принцип во реализацијата на наставата во основото училиште.
-Дури и кога имаат одредени тешкотии при изучување други предмети им помага да постигнат подобри резултати – рече Скендеровска.
Учителките во редовната настава ги пофалиле децата дека при изучувањето на македонскиот јазик покажуваат подобри резултати, додаваат одговорните од училиштето. Директорката на „Христијан Карпош“, Лидија Костиќ, вели дека ова е прво училиште во Куманово каде што почнало изучувањето на предметот.
-Има подобрување во целокупниот наставно-воспитен процес кај учениците, запознавање со својата култура, традиција, развивање љубов кон училиштето, помош за учителките, помош при други предмети, учениците се поредовни – вели Костиќ.
Иако предметот се изучува по завршувањето на редовните часови, децата остануваат. Горда е, вели Костиќ, на своите ученици, кои покажуваат завидни резултати.
Мердан Мусливески е родител на ученичката Јакута, која е трето одделение. Тој е воодушевен што неговото дете го изчучува јазикот, но вели дека не мора да биде шести час, бидејќи децата веќе се изморени со претходната настава.
Ромскиот јазик на овие простори, вели Мусливески, изобилува со доста турцизми и зборови од македонскиот јазик. Тој додава дека неговото дете веќе научило многу зборови, за кои и самиот не бил свесен дека се употребуваат.
-Еден ден ќерката дојде од училиште и цело време повторуваше два збора на ромски – Jemishi thaj zarzavati. Јас лично не знаев што значи тоа и кога ја прашав што работеа на часот по ромски, таа ми рече дека учеле за овошје и зеленчук. Ова е можност за овие генерации да го изучат можеби изворниот ромски јазик од овие простори, вели Муслиевски.
Сепак, според него, предметот треба да почне да се изучува од прво одделение.
На ниво на Куманово, Јазик и култура на Ромите се изучува во четири училишта. Според податоците на секторот за образование од Општина Куманово, расте бројот на ученици кои следат настава по овој предмет. Во учебната 2015/2016 година само 27 деца од четирите училишта каде што се изведува наставата го следеле предметот, во наредната учебна година се вклучиле и учениците од четврто одделение, па така 36 деца од трето одделение и 25 деца од четворто одделение следеле настава. Во 2017/2018 година настава по Јазик и култура на Ромите следеле 37 деца од трето, 27 од четврто и 23 од петто. Оваа учебна година следат 49 ученици во трето, 31 во четврто и 30 во петто.
Учениците преку изучувањето на овој предмет треба да развијат чувство на припадност кон својата култура, да развијат почит кон другите култури, да користат основни граматички и правописни правила при говорење, читање и пишување, како и да го збогатат речникот со нови зборови во ромскиот јазик.
Александра Максимовска