Во објектите „Бамби" и „Сончогледи" на градинката „Павлина Велјанова" во Кочани почна практичниот дел за едукација на децата за органско производство на храна со селектирање и компостирање на органскиот отпад.

Според Зоран Стоилков, ескперт во проектот за добивање компост од органска маса, се работи за многу корисен проект за стекнување навики кај најмладите како да се однесуваат кон органскиот отпад.

– Македонија е земјоделска земја, овде имаме хиперпродукција на органски материјал, што за жал завршува на градските депонии. Сакаме да им покажеме на најмладите како се добива тој органски материјал, како се селектира, компостира и на крајот како органското ѓубриво се употребува во градините за производство на храна. Децата ќе учат како се засадуваат растенијата во органскиот материјал, а тоа е едукација што ќе им користи и во иднина, истакна Стоилков.

Овој дел во проектот има и натпреварувачки карактер. На крајот, со симболични награди ќе се награди најдоброто растение, најдоброто овошје, што ќе придонесе за мотивација на децата.

Едукацијата е дел од проектот „Екоградини во детските градинки" што се реализира со поддршка од европските финансиски фондови, преку програмата „Еразмус плус". Освен кочанската, во проектот што ќе трае до 2020 година, вклучени се и детски градинки од Хрватска и Бугарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2019 13:06