Интернационален форум на тема „Интеграциите во Европската унија и реформскиот процес на преговарачкото поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика“ (https://chapter-20-forum.b2match.io/) ќе се одржи денеска и утре во Скопје во организација на Фондација за Претприемачки сервис за млади.
Дводневниот Интернационален форум е во состав на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20” финансиран од Европската Унија и има за цел да овозможи вмрежување како и размена на добри практики во областа на поглавје 20. Покрај можностите за вмрежување на интернационално ниво, настанот ќе овозможи и промоција на активностите на новоформираната платформа „Поглавје 20“, како и ќе промовира регионална соработка за креирање на подобри индустриски политики и политики за малите и средни претпријатија.
Во состав на форумот планирани се панел дискусии како и средби за вмрежување помеѓу граѓанските организации и институциите од регионот со цел трансфер на знаење и размена на добри практики.
Форумот предвидува да вклучи 70 учесници, експерти во областа на поглавје 20, претставници од релевантни национални и регионални инстиуции, стопански комори, бизнис инкубатори, технолошки паркови, факултети и компании.
Дел од панелистите на форумот кои ќе ги пренесат нивните искуства и добри практики ќе бидат Роберт Ракар, извршен директор на Стопанската комора во Приморска, од Словенија, Тања Радусиновиќ, директор на проектниот оддел на Стопанската комора на Црна Гора, Роберт Блазиновиќ, раководител на сектор за индустриска политика при Министерство за економија, Хрватска, Теодора Георгиева, виш научен соработник во Фондот за применети истражувања и комуникации, Бугарија.
-Целта на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20” е активно вклучување на граѓанскиот сектор во реформскиот процес на Поглавје 20 преку структурирани напори и заеднички настап на граѓанските организации, наведуваат организаторите.
Проектот започна со реализација во мај 2017 година и ќе заврши во мај 2019 година, наведуваат од Фондацијата за Претприемачки сервис за млади.