Ниска продуктивност на домашните фирми, ниско ниво на развој на човечки капитал, неусогласеност помеѓу вештините и промените во побарувачката на пазарот на труд, пречки од јавните политики во однос на конкурентноста и инвестициите, слаба државна администрација. Тоа се главните предизвици за растот на македонската економија, за чиј поголем развој Светска банка неодамна побара забрзување на економските реформи.

Во клучните препораки за јакнење на продуктивноста во редовниот пролетен извештај на Банката се наведени подобрувањето на конкурентноста и способноста на фирмите за усвојување технологии, пристапот до финансии и снабдувањето на странските директни инвестици, промоцијата на конкурентноста, вклучително и преку усогласување на регулативата на пазарите на производи и услуги. Потребно е и побрување на управувањето и ефикасноста на јавната администрација за да се обезбедат подобри услуги за граѓаните и фирмите, како и обезбедување на владеењето на правото вклучително и за комерцијалните договори.

– Има голем простор за подoбрување на распределбата на државната помош и треба да се преземат политики за јакнење на конкурентноста и продуктивноста. Да се обезбеди похоризонтална државна помош и еднакви услови за сите актери во Македонија, да се спроведат и политики за зајакнување на иновациите, истражувањето и развојот, што би можеле да донесат поголеми дивиденди во однос на растот, наместо да се поддржуваат традиционалните начини на работење на фирмите, смета Сања Маџаревиќ Шујстер, економист од Светска банка.

Најдобри во услови за бизнис, најслаби во продуктивност

Северна Македонија, како што вели, е на врвот во регионот на Западен Балкан во олеснување на водењето на бизнисите, глобално е една од најуспешните земји, но сепак во продуктивноста постојано заостанува зад останатите држави.

Не само што стагнира трендот на раст, туку и нивото на севкупна продуктивност е најниско во регионот, вели Маџаревиќ, Шујстер и посочува дека подобрувањето на продуктивноста е подлабока реформа од реформите на Дуинг бизнис. Се однесува на неколку работи, вклучувајќи конкурентност на пазарот односно, како што вели, да се осигура дека правилата за државна помош и конкурентност важат подеднакво за сите фирми, како и дека нема ограничување на регулативите на пазарот не само на мрежните услуги, како енергетика, телекомуникации, транспорт,… туку и на професионалните услуги од инженери, архитекти и на тие во малопродажниот сектор. Тоа ќе ги овозможи влез на потенцијални партнери и ќе ги отстрани пречките за нивно работење на локалниот пазар.

Работодавачите бараат фокус на индустријата

Ангел Димитров од Организација на работодавачи смета дека главна задача во развојот на економијата во државава треба да биде индустријата, чие сегашно учество од 11,9 проценти во БДП не може да даде повисоки стапки на развој.

Од 2001 до 2017 година имаме просечна стапка на развој од 2,7 проценти на БДП по жител, многу пониско и од Албанија каде е 4 проценти и од Бугарија каде е 3,7 проценти. Не сме успеале со реформите. Индустријата е уништена. Учеството на индустријата од 11, 8 проценти во БДП неможе да даде повисоки стапки на развој, смета Димитров.

Се наоѓаме на стапка на развој каде индустријата треба да ни биде главна задача, посочува Димитров и истакнува дека сите држави главниот развој го темелат на државна помош.

– Развиените земји кои имаат развој од 3.000 до 3.500 долари по жител имале највисоко учество на индустријата во БДП. Не можеме да се споредуваме со држави што имаат хајтек индустрија и вложувања во истражувања и наука 10 пати повеќе од нас. Сите релевантни истражувања покажуваат дека сите држави што имаат развој од 3.000 до 9.000 долари, својот развој мора да го темелат на ефикасноста, на продуктивноста, на извозот, односно на индустријата. Ако тоа не го овозможиме не можеме да направиме ништо, изјави Димитров.

Владиниот План за економски раст, според него, е само знак дека државата има добра намера да работи во вистински насоки, но тоа не е доволно. На компаниите, вели тој, им е потребна поголема државна помош.

-Многу тешко можете да направите разлика дали автоматската машина што ја купува компанијата ги зголемува капацитетите на производството и добива 10 проценти или тоа е некоја иновација која што треба да добие 40 проценти или 50 проценти грант од државата. Тука мора да сме внимателни. Сите тие субвенции мора да бидат транспарентни и да бидат изложени на гласот на јавноста, а јавноста е таа која ќе ја контролира јавната администрација, а администрацијата да не конролира нас бизнисмените, за да не направиме грешки, смета Димитров.

Од Владата сметаат дека со примената на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се обезбедуваат услови за поинтензивен индустриски развој во земјата.

-Како резултат на таа поддршка лани се отворени над 26.000 нови работни места, најголем дел во приватниот сектор, се реализираат нови 19 проекти на странски инвеститори, над 250 проекти на домашни компании поврзани со технолошкиот развој се поддржани преку мерките од планот за економски раст, нивото на странски инвестиции е на рекордни 624 милиони евра, додека забележан е и сериозен раст на индустриското производство, изјави неодамна вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Тој смета дека е остварлив планираниот економски раст од 3,2 процента за годинава, со оглед дека индустриското производство, земјоделството и градежништвото, основните три столба за генерирање на БДП, се развиваат и подобро од планираното. Индустриското производство во првиот квартал има приближен раст од девет проценти, во јануари годинава во однос на јануари лани се зголеми за 12 проценти, во февруари за 7,3 проценти, а истиот тренд се задржува и во март. Градежништвото само во рамки на Јавното претпријатие за државни патишта во првиот квартал лани имало реализација од 850 милиони денари, а годинава имаме 300 проценти раст, или околу 2,8 милијарди денари во истиот период, изјави Анѓушев.

Агенда за јакнување на човечкиот капитал и вештините на луѓето

Перспективите на растот во државава и во целиот регион се ограничени и од ниското ниво на развој на човечкиот капитал. Според Светска банка, поголемите и подобрите инвестиции во човечки капитал би им овозможиле на земјите од Западен Балкан да го прошират својот економски потенцијал и да осигураат инклузивен раст.

Стапката на вработеност во минатата година во државава достигна 45,1 процент, но половина од работоспособното население и понатаму е или невработено или не бара работа.

-Освен внесување на луѓето во работната сила и нивно пренесување од неактивност во активност за барање на работа, преку активните мерки на пазарот на трудот тие треба да дојдат до соодветни фирми. Постои цела агенда за зајакнување на човечкиот капитал и вештините на луѓето, укажува Светска банка. Нивните податоци покажуват дека просечниот работник во Македонија губи меѓу 25 и 30 години од продуктивниот работен век во невработеност или неактивност. На секои 100 луѓе кои живеат во државата, само 26 се вработени. Од тие 26, осум работат во јавниот сектор, а 18 во приватниот сектор.

Од над 105 илјади невработени, 40 проценти се над 50 години, 50 отсто се со основно или без образование, а 25 проценти од невработените се со завршено средно образование.

– Премалите инвестиции во раниот детски развој се отсликуваат во лоши резултати во основното и во средното образование. Учениците не ги стекнуваат вештините што им требаат за ефективно да функционираат со зголемување на конкуренцијата на пазарот на труд. Неквалитетното техничко и универзитетско образование ја отежнува транзицијата од образование кон работа, многу дипломци што се невработени со години не можат да изградат работно искуство. И програмите за социјална помош на ранливите домаќинства не им ја даваат поддршката што им е потребна да се подготват за пазарот на трудот. Неефикасните здравствени системи не можат да се справат со незаразните болести, а трошоците од „џеб“ за здравствени услуги се високи, стои во Извшетајот.

Растот на македонската економија лани изнесуваше 2,7 отсто, по стагнацијата во 2017 година. Негов главен двигател беше приватната потрошувачка која учествуваше со 2,4 процентни поени поради зголемување на вработеноста, платите и кредитирањето на домаќинствата. Учеството на нето извозот изнесуваше 1,7 процентен поен, главно поврзан од странските директни инвестиции. Преостанатите 0,8 процентни поени произлегоа од потрошувачката на Владата. На страната на производството, трговијата на големо и мало, како и транспортните услуги беа главни двигатели на растот, придонесувајќи со 2,3 процентни поени. Главен придонесот на преработувачката индустрија од 0,6 процентни поени беше поголемото производство, главно на моторни возила и електрични машини од страна на странски фирми и домашни производители. Статистичките податоци покажаа закрепнување на градежништвото од октомври лани, кое тогаш придонесе со 0,02 процентни поени во раст, со стартот на јавните инвестициски проекти и јакнењето на приватните инвестиции.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2019 10:22