Малите и средни претпријатија имаат централно внимание во економската програма на Владата, преку две можности, Законот за финансиска поддршка и Фондот за иновации и трехнолошки развој, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Гевгелија.

Посочувајќи дека и во Гевгелија има добар пример на компанија која добила средства преку владиниот План за економски раст и веќе спроведува проект, апелираше да се аплицира за финансиска поддршка, којашто годинава е зголемена за 47 проценти во однос на минатата година.

– Ги охрабрувам сите да аплицират бидејќи годинава државата има детерминирано 47 проценти повеќе пари во однос на лани. Оваа година има над 60 милиони евра државни средства за економијата, воглавно за малите и средни претпријатија. Тука има голема можност, ги охрабрувам сите нив да се запознаат со програмите, рече Анѓушев.

Можностите за финансиска поддршка, посочи, се промовираат на сите средби со стопанствениците.

– Првпат по транзицијата има можност за директна помош од државата, потенцираше вицепремиерот.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2019 14:07