Преку стандарди за добра собирачка практика, подобрување на законските прописи од оваа област, квалитет и чување на собраниот материјал и негово финализирање во брендиран производ може да се подобрува собирањето шумски плодови и тоа да биде сериозен бизнис, беше речено на денешната обука за собирачи, откупувачи и преработувачи на други шумски прозводи што се одржа во Бања Банско.
Според професорката на Шумарскиот факултет во Скопје, Македонка Стојановска, собирањето шумски плодови претстава голем потенцијал, посебно за руралните подрачја во близина на шумите.
-Имајќи предвид дека 50 проценти од населението во нашата држава живее во рурални средини дивите плодови претставуваат огромен потенцијал за локалниот развој на Струмица и на планината Беласица, но и за домаќинствата кои се занимаваат со оваа дејност. Собирањето недрвни производи од шумите во многу европски земји се сериозен придонес кон шумарството и кон локалното население кое живее во непосредна близина на шумите, смета професорката Стојановска.
Додаде дека многу е важно да се почитуваат правилниците за собирање шумските плодови и секогаш, барем 30 проценти од недрвниот шумски произод кој се собира да се остави на терен, но практиката покажува нешто друго и затоа е потребно да се вршат контроли и да се подигне јавната свест.
Настанот го организираше Здружението „Натура нова“ од Струмица во партнерство со Општината во рамки на проектот „Заштита на биодиверзитетот и брендирање на шумските плодови на Беласица“. Обуката ја спроведе „Пробио“ во соработка со ЈП „Македонски шуми“-Шумско стопанство „Беласица“ од Струмица и Шумарскиот факултет од Скопје.