Под мотото „Не може да се одлучува за нас, без нас“, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе одржи синдикален марш на 1 Мај – Денот на трудот, на кој ги повикува сите членови на синдикатот, работници и граѓани.

Синдикалниот марш ќе почне во 11 часот пред зградата на ССМ на 1 мај.

Мотото на маршот, како што соопшти денеска ССМ, ги обединува и претставува сите работници и граѓани.

– Нашиот глас – гласот на работниците, поттикнува, бара и мотивира, но истовремено, обврзува, задолжува и предупредува, порачуваат од ССМ.

Се залагаат, како што наведуваат, за брза и ефикасна реализација на работничките приоритети, меѓу кои договори за вработување на неопределено време, стоп за договорите на определено време подолго од година, сабота и недела, денови на неделен одмор, 12 месеци породилно отсуство, Минимална плата од најмалку 13.800 денари, пораст на платите…

ССМ бара и регрес за годишен одмор за сите, здрави и безбедни работни места, унапредување на колективното догаварање, како и стопирање на зголемувањето на границата за пензионирање, на мобингот и дискриминацијата и на мешањето во синдикалното организирање.

– Сојузот на синдикатите на Македонија инсистира да се делува во насока на побрза реализација и обезбедување на достоинство на трудот и работата, истакнува ССМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2019 13:01