Несигурноста околу учеството на Манчестер Јунајтед во Лигата на Шампионите следната сезона доведе до тоа ѕвездите на тимот Пол Погба и Давид де Хеа да побараат зголемување на платите, пишува „Тајмс“.

Авторитетниот весник тврди дека ако „црвените ѓаволи“ не завршат во топ 4, што е нивната единствена можност да се квалификуваат за ЛШ, тогаш платите на сите играчи во составот ќе бидат намалени за 25 отсто. Таков беше случајот и во 2016 година, кога тимот за последно пропушти да си обезбеди учество во најпрестижниот клубски турнир.

Договорот на Погба е за уште две години, со тоа што францускиот репрезентативец добива 290.000 фунти неделно. Но, силно е посакуван од Реал Мадрид и сонародникот Зинедин Зидан.

Од друга страна, договорот на Де Хеа истекува на крајот на следната сезона. Шпанецот претендира за поголема сума од тие 200.000 фунти, кои ги заработува сега за недела, и затоа го одложува обновувањето на неговиот договор со клубот.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2019 13:09