Во Градски парк денеска ќе биде промовиран првиот интерактивен водич за главниот град на земјава – „Здраво Скопје“.

Водичот е посветен на Скопје од минатиот век до денес и ги содржи сите негови препознатливи локации, култни места и урбани легенди вредни за раскажување. Наменет е и за млади и за стари, за носталгичари, туристи и истражувачи кои сакаат да го запознаат вистинскиот дух на Скопје.

Книгата е дело на авторското дуо Кокидо, зад кое се потпишуваат Александра Шаровиќ-Атанасовска, автор на наградуваниот концепт ПланУМ и Ружица Мандичевска-Руки, една од најзначајните македонски илустраторки. Авторките моментно живеат и работат во Белград и Лондон.

„Здраво Скопје“ нуди и интерактивна мапа на која се означени најзначајните локации. Интересен дел од книгата се и рубриките кои ги претставуваат духот и обичаите на градот. Преку семејните традиции за заеднички ручек, начин на комуникација, игра, рекреација, говор, стил на облекување и живеење, се доловува позитивна атмосфера на заедништво и соживот кои Водичот особено ги истакнува и вреднува.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2019 07:22