Во моментов има над 1.100 регистрирани и подигнати апликациски пакети за кофинансирани грантови, по вториот повик на Фондот за иновации и технолошки развој што трае до 15 мај. Ова го соопшти денеска во Кавадарци директорот на Фондот, Јован Деспотовски. Во овој град, Регионалната Стопанска комора и Фондот, реализираа презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Целта е поттикнување и зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката меѓу приватниот сектор и таа на секторот со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останатите форми на соработка за комерцијализација на иновации и за учество на бизнис заедницата за стимулација на нивните проекти.
– Фондот е отворена државна институција. Нашата цел е да ги приближиме можностите за финансирање пред економијата, стопанските субјекти од регионот. Започнавме со серија на средби надвор од главниот град. Сакаме да ги охрабриме компаниите да ги разгледаат можностите кои ги нуди Фондот и да аплицираат. Бројот на досега подигнати апликациски пакети говори за интересот кај компаниите, но и за довербата која ја имаат кон процесите што ги развива Фондот, рече директорот.
Вкупниот буџет на вториот повик за комерцијализација на иновации е околу пет милиони евра.
– Очекувам голем број на аплицирани, како и на добри проекти. Очекувам после тоа да имаме позитивен притисок како Фонд и Влада на Република Северна Македонија, да размислуваме да ги зголемуваме тие средства и понатаму, нагласи тој.
Пораката е, сите кои размислуваат, да се охрабрат и да аплицираат.
– Денеска ќе се осврнеме на сите практични детали и прашања од страна на присутните претставници на компаниите, во врска со апликациите. Наш интерес е да има што повеќе и што поквалитетни проекти. Иновациите се применливи во сите сектори на економијата. На сите регионални средби се покажа дека има интерес од сите сектори, особено делот на производството, што особено не радува. Тоа значи дека пораката дека сите можеме да размислуваме како да си ги подобриме производите, услугите, процесите, веќе фаќа корка кај нашите бизнисмени. Сето тоа треба да поттикне еден позитивен циклус на постојано зголемување на средствата што се одвојуваат можеби од други непродуктивни трошоци и се ставаат на располагање на економијата, додаде Деспотовски.
Задоволство од средбата изрази и Никола Наумов, претседател на Регионална Стопанска комора.
– Ќе продолжиме со активностите околу унапредување на стопанството и регионалниот развој, развој на сите проекти на ниво на Влада за развој на бизнисот на регионалните компании, рече Наумов.
Ова е четврта по ред регионална средба со претставници на компании.