Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Конгресот „не може да го отстрани” од функцијата, поради наодите на извештајот од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводното мешање на Русија во изборите во САД во 2016 година и неговите обиди да ја попречи истрагата.

– Само тешки кривични дела можат да доведат до импичмент. Нема никакви мои престапи (без тајни договори, без попречување на истрагата), па не може да има ни импичмент. Демократите извршија кривични дела, а не вашиот републикански претседател, напиша Трамп на Твитер.

Ревидираната верзија на извештајот на Малер од околу 450 страници беше објавена минатата недела, по две години интензивна истрага.

Извештајот потврди дека руските агенти се обидувале да интервенираат во изборите во 2016 година за да му помогнат на Трамп да ја победи демократската противкандидатка Хилари Клинтон, вклучително и преку хакирање на нејзините имејл адреси.

Но, извештајот исто така посочува дека штабот на Трамп не бил вклучен во заговор со Русите за нивните активности.

За време на истрагата, Трамп постојано се обидуваше да ја спречи работата на Малер, се вели во извештајот.

Малер оцени дека не може да се произнесе на каков било начин, за тоа дали Трамп сторил кривичното дело попречување на правдата.

Демократите, кои го контролираат Долниот дом на Конгресот, досега најчесто се воздржуваа од повикување на процедура за импичмент (отповикување) на претседателот.

Но, комисии на Претставничкиот дом инсистираат да им биде даден целиот извештај на Малер, со деловите кои сега не се достапни до јавниста поради безбедносни или правни причини.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2019 19:47